Каратистите на подготовки во спортскиот комплекс „Гогов“ во Пехчево пред настапот на ЕП

Најдобрите македонски каратисти вчера ги почнаа подготовките за сениорското 54. Европско првенство кое ќе се одржи од 28. до 31. март во Гвадалахара, Шпанија. Завршните подготовки на македонската карате репрезентација се реализираат во хотелот „Гогов“ во Пехчево, во чии рамки е и спортскиот комплекс „Гогов“.

На листата репрезентативци се нашите најтрофејни натпреварувачи предводени од актуелниот европски шампион и најдобар спортист на Македонија за 2018 година, Емил Павлов, медитеранскиот шампион Берат Јакупи и освојувачот на бронзен медал на Медитеранските игри, Жарко Арсовски. Покрај нив се и Азис Исмаил, поранешен медалист на европско првенство за помлади сениори, европските шампиони до 21 година, Петар Спасеновски и Доан Османи, кои ќе се натпреваруваат во екипна конкуренција, како и најмладиот Фахик Весели, освојувач на бронзен медал на Младинските игри минатата година.

Во женска конкуренција се Наташа Стефановска и Сара Радичевска кои во минатите години имаат пласмани на 5. место на континенталните шампионати, како и искусните Симона Заборска и Моника Стефановска.

Под водство на тренерот на државната репрезентација во кати Стојан Андриевски се најдобрите наши натпреварувачи, Фери Исиќ во машка и Пулексеција Јованоска во женска конкуренција, чиј најдобар резултат на европските првенства е на 5 место.

Тренинзите се одвиваат секојдневно и во салата во комплексот на хотелот „Гогов“, кој нуди одлични услови за исполнување на планот на завршните подготовки на нашите најдобри каратисти, кои ќе останат во Пехчево до 24. март.

Се вчитува...