Касилјас: По 30 години среќа и тага дојде време да се каже збогум

Легендарниот шпански голман Икер Касилјас потврди дека заминува во пензија. Тој на социјалните мрежи се прости од фудбалот со емотивно писмо во кое вели дека по 30 години среќа и тага дојде време да се каже збогум.

„Денеска е еден од најважните, но на некој начин и најтешки денови во мојата кариера. Дојде време да кажам збогум. Со фудбалот почнав да се занимавам пред 30 години. Во текот на долгото патување имаше убави, но и помалку убави моменти на среќа, како и тага. Во овој момент од својот живот и од оваа перспектива можам да кажам дека вредеше“, порача Касилјас во своето писмо. 

Касилјас кој е производ на младинската школа на Реал Мадрид, првиот настап во сениорскиот тим го имаше уште во 1999 година. На „Сантијаго Бернабеу“ остана до 2015. За клубот запиша 510 настапи. Три пати ја освојуваше Лигата на шампионите, а пет пати славеше во Ла лига. Со репрезентацијата на Шпанија како капитен го освои Светското првенство во 2010 во Јужна Африка, а триумфираше и на Еврошампионатите во 2008 и 2012. Кариерата ја заврши во португалскиот гигант Порто, а сезонава немаше ниту еден настап за овој тим откако минатата година преживеа срцев удар.

Се вчитува...