КАТАПУЛТ: Ел команданте повеќе (или помалку) не е македонски селектор

Катапулт

Катерина Павлова Николовска

Фасцинацијата од Раул Гонзалез кај македонската спортска, но и неспортска јавност одамна спласна. Херојот кој стана миленик на нацијата со симпатичниот и невешт македонски и уште повеќе со спектакуларната титула со Вардар во Лигата на шампионите се наметна како логично решение и замена за трофејниот, но не многу популарен кај нас, Лино Червар.

Општата еуфорија дека сега го имаме вистинскиот човек на репрезентативната клупа почна да намалува кога амбициозниот Шпанец направи логичен трансфер во Пари Сен Жермен.

Од Јане до Борис во репрезентативните прозорци е многу пологична дистанца отколку од Париз до Скопје за Шпанец кој го предводи најамбициозниот и најбогатиот европски ракометен колетив.

И затоа сите знаевме, а капитенот и ни кажа дека ангажманот во ПСЖ е проблем за репрезентацијата. А, не е ниту тајна дека Раул сакал да си оди уште кога го презеде францускиот клуб. Нејасно е само зошто и не го пуштивме кога и на претседателот на РФМ му е јасно дека на „сила убавина не бива“, тоа го сфати, а и јасно го кажа кога го испративме Лино и го пречекавме Раул.

КОНКУРС

И повторно КОНКУРС. КОНКУРСИВЕ за клучни позиции се многу модерни периодов, па кај нас кандидати за Претседател/ка на државава се бара на конкурс, не па селектор.

Никако не ја разбирам опсесијава за општа демократија и отворен повик за селекторско место. Да, во условите за конкурсот се потенцирани барањата од претендентите за позицијата, но тоа сепак е далеку од цврст став за барањата на федерацијата.

Апсолутно непотребно е објавувањето конкурс. Федерацијата има сосема легитимно право, а и обврска да одреди насока на репрезентативниот ракомет и според тоа да избере селектор кој ќе смета дека е најадекватен за исполнување на целите.

На федерацијата е целата одговорност. Да одреди без емотивен набој и со јасни и прецизни приоритети.

И да се ослободиме од темата странец или Македонец.

Селекторот не мора да биде Македонец. Но, мора да биде според целите кои ги имаме. Романтичните повици за тоа дека изборникот треба да биде наш се како барањата за подмладување за кои нели дошол редот.

И ако никако не ни се погодува со селекторите кои имаат клупски обврски, а и федерацијата тоа го потенцираше како причина за раскинувањето со Гонзалез, тогаш да имаме професионално ангажиран селектор чија единствена обврска ќе биде националниот тим.

Само да не биде тоа некој кој ете и така е тука.

 

Се вчитува...