КАТАПУЛТ: Македонци и ракомет, ГЛАВНИ за химна и „делење памет“

Катапулт

Катерина Павлова Николовска

Што можевме и што треба да научиме од Светското ракометно првенство во Германија и Данска.

Дека има лек за Германците дури и кога се ко-домаќини. Се вика Никола Карабатиќ.

Дека Микел Хансен е незапирлива машина.

Дека има и судиски грешки поради кои потоа мора да се компензира на една четвртина од првенството.

Дека седум на шест ги нервира речиси сите, освен оние кои немаат многу избор и мора да го користат.

И уште неколку други работи за светскиот ракомет кој се движи со метеорска брзина напред од сите аспекти пред се од изборот на играчите според специфични физички предиспозиции, напуштањето на традиционалната поделба на улогите како и тактиките кои се брзо адаптибилни на секоја ситуација која што ја носи натпреварот.

Но, што можевме и што треба да научиме, ние, МАКЕДОНЦИТЕ, за кои ракометот секој јануари е светост, кои мислиме дека сме главни во ракометот во Европа, Светот и пошироко. Ние сите два и нешто милиони кои знаеме кој играч треба да биде селектиран и кој треба да игра, кој е „дрво“, а кој селектор знае, а кој не.

Треба да научиме дека, не сме ГЛАВНИ.

Имаме една мегаѕвезда во залез, неколкумина на пристоен европски ранг, неколкумина со многу волја, а на овој Мундијал и неколкумина што сакаа(т) да бидат репрезентативци.

Треба да научиме дека на големи натпреварувања сите одат за што подобар резултат. И за нас тоа треба да биде приоритет.

Конечно и би можеле да се ослободиме од поделбата на млади и стари и да научиме дека во репрезентацијата која оди на Светско играат тие што се во најдобра форма и за кои селекторот смета дека најдобро ќе се вклопат во системот.

Изнасилените повици за подмладување се категорија која што постои само во Македонија. Местото во националниот тим се заслужува само ако се наметнеш според покажаниот квалитет без разлика на тоа колку години имаш.

На селекторот што сме го поставиле да ни донесе најдобар можен резултат не му е работа да ни ја мисли иднината за некое следно Европско или Светско. Нему му е работа да ги избере тие што се најдобри во моментов и со нив да се бори на големата сцена. За резултат.

Затоа што ниту еден селектор од оние чии репрезентации постигнаа големи резултати на последниов ракометен собир не правел селекција според годината на раѓање. Да, сите имаат „млади“, но не им се во тимот заради возраста.

И Барди и Елмас не се во фудбалската репрезентација за колку да имаме и помлади во тимот, туку си ги заслужија местата покрај Пандев…Прогресот доаѓа природно, не за да се задоволи јавноста.

И конечно, што им е работа на репрезентативците. Да бидат најдобри што можат, да одиграат на нивото што им го овозможува потенцијалот, квалитетот и екипата. Можеби малку помалку работа им е да објаснуваат кој потфрлил, кој не ги исполнил очекувањата и кој од соиграчите што треба да прави. Да, повозрасните треба да им се најдат на новите сили давајќи има насоки, поддршка и помош. Ама не да ги посочуваат како алиби за лош резултат!

За волја на вистината, кај искусните уште на првиот собир беше воочливо колебањето околу изборот што беше направен. А капитенот на крајот и ни кажа дека сме отишле со „детска градинка“, ублажувајќи ја изјавата потоа дека сите требало да засукаат ракави и да работат. Играчите и треба да работат, но на терен 60 минути каде се зависи од нив. Работата околу развојот на ракометот и евентуалното создавање нови ракометни генерации е одговорност на други инстанци.

До следниот јануари и Европското првенство, националниот тим треба да ги мине квалификациите со овој, или со друг селектор. Да обезбеди место меѓу најдобрите на континентот кои секако се и најдобрите во светот, а дотогаш можеби и ќе ни се расчисти што сакаме и како сакаме да дојдеме до целта.

П.С.

И конечно да научиме дека покрај тоа што не сме ‘специјални’ за ракомет, не сме специјални ниту по навивачите, а уште помалку по пеењето химна. Сите пејат химна и исто така со жар и гордост и сите имаат навивачи, жестоки, расположени и вљубени во својата репрезентација.

Се вчитува...