Катарските инвеститори од март во ФК Вардар: Бомбастична најава за инвестиција од 50 милиони евра за период од 10 години!

Согласно разговорите на државните институции и Град Скопје со потенцијалните нови финансиери, катарските инвеститори во период од 10 години во најтрофејниот македонски клуб треба да вложат 50 милиони евра!?

Град Скопје веќе интензивно се активира во обидите за спас на ФК Вардар. Вчерашната реализирана средба на најверните вардарови навивачи „Комитите“ со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов донесе позитивни најави во обидите за спас на најтрофејниот македонски клуб, без разлика на некооперативноста на досегашниот сопственик Сергеј Самсоненко и неговото раководство во оставка.

Како што претходно објавивме, не е веќе никаква тајна дека во тек се разговори за влез на моќна катарска компанија во ФК Вардар. Како што дознава ЕКИПА, согласно разговорите на државните институции и Град Скопје со потенцијалните нови финансиери, катарските инвеститори во период од 10 години во најтрофејниот македонски клуб треба да вложат 50 милиони евра. Според најавите, катарските инвеститори, со финансиска поддршка, ФК Вардар треба да го преземат од март, доколку успешно завршат преговорите и со надлежните институции за нивни инвестициски влез во Македонија преку изградба и на карго-аеродромот.

Активирање на државните ваучери за спас на сезоната

Но, останува повеќе од проблематичен стартот на пролетниот дел од сезоната, и што со периодот до евентуалениот влез на новите финансиери. ФК Вардар во моментов е буквално оставен без ништо и без никој. Токму оваа тема е отворена и на вчерашната средба на „Комитите“ со градоначалникот Петре Шилегов. Разгледана и најавена е можноста за активирање на државните ваучери и од минатата година, со што најтрофејниот македонски клуб би добил нешто повеќе од 300.000 евра за спас на актуелната сезона, и изборување опстанок во Првата македонска фудбалска лига.

Самсоненко го нудел тренинг-центарот во Хиподром како компензација за долгот!?

Од друга страна, како што претходно најави неговото раководство во оставка, Сергеј Самсоненко треба до 31. јануари да ги подмири сите свои долгови наталожени изминативе години. Интересна е и информацијата дека Самсоненко како компензација за долговите го понудил тренинг-центарот во Хиподром, но тоа е апсолутно неприфатливо и за Град Скопје, и за вардаровите навивачи, и за македонската спортска јавност, ако се знае дека тој проект е всушност јавно-приватно партнерство. Тоа, во суштина, отвора една сосема друга тема: Што всушсност и поседува ФК Вардар, ако Самсоненко тренинг центарот во Хиподром го нуди како своина? И, на чие име е Академијата на ФК Вардар во центарот на градот? Дали сите оние проекти кои Самсоненко громогласно изминативе години ги најавуваше како оставштина за Вардар, всушност и не се на ФК Вардар!?

Вардаровиот тренинг-центар „замрзнат“ – Стартот на подготовките од понеделник

И покрај најавите, пак, за прв собир на вардаровите фудбалери под водство на Филип Ивановски, Никола Глигоров и Златко Таневски како најава за старт на подготовките за пролетниот дел, сепак истиот е одложен за првите денови од следната недела. Фудбалерите деновиве треба да добија информација околу текот на разговорите за начинот на кој најтрофејниот македонски клуб ќе функционира оваа пролет.

Без разлика на преговорите за финансиски спас на Вардар, јасно е дека централниот проблем во моментов е екипирање на тимот за пролетниот дел од шампионатот. Веќе сериозно се доцни со стартот на подготовките, неизвесно е со каков играчки кадар ќе се располага, поради што е апсолутно неопходно во моментов итно дејствување со првична финансиска инјекција за мирен почеток на пролетта.

Се вчитува...