Ќе успее ли лидерот Пелистер да му го нанесе првиот пораз на Гостивар во новата година?

Богатата прволигашка програма во која ќе се сретнат уште Црн Дрим и Еуро Никел, и Кожув и МЗТ 2, ќе биде комплетирана со заостанатиот дуел од шестото коло помеѓу Пелистер и Гостивар во салата „Боро Чурлевски“.

Битолчани по фантастичниот старт на сезоната и поразот од ТФТ во Скопје, им се вратија на победите со нова „стотка“ на домашен терен во последниот натпревар против Кожув. Расположени од убедливата победа, „зелено-белите“ ќе се обидат да ја пренесат добрата игра на и денешната средба, да ја наметнат својата игра и да ја забележат десетата победа во првенството.

„Влегуваме во натпреварот со Гостивар после многу важна победа против екипата на Кожув, која не врати на победничките патеки. Имавме едвај еден ден да се спремиме за овој дуел, заморот е присутен, но веќе се навикнавме на ова темпо на играње. Клучно за нас на овој натпревар ќе биде да ја играме нашата претпознатлива брза игра со темпо кое ние ќе го наметнеме. Играме на домашен терен што значи дека освен победа за нас нема друга опција“ – изјави бекот на Пелистер, Бобан Стајиќ.

Гостивар се наоѓа во одлична форма на влезот на новата година, во која не знае за пораз. „Сино-белите“ нанижаа победи против МЗТ2, Куманово и Академија ФМП, па свесни за тежината на денешниот дуел ќе се обидат да ја продолжат победничката серија.

„Оваа сезона има доста изненадувања, но ние сме во една убава серија од победи и со новите играчи од натпревар во натпревар играме се подобро. Очекувам тежок дуел, гостувањата во Битола секогаш се непредвидливи, но ние сме подготвени и ќе го дадеме максимумот. На вакви дуели треба да одиграме фокусирано сите 40 минути, и да ја спречиме нивната брза игра“ – изјави капитенот на Гостивар, Ренато Димитриевски.

Интересен на денешната средба ќе биде дуелот на високите играчи каде силите ќе си ги одмерат Игор Кесар и Бојан Трајковски од едната и Александар Тодоровиќ и Џалон Фрајдеј од другата страна.

Се вчитува...