КФМ: Академија ФМП во плеј-аутот, Феникс 2010 во Суперлигата

Академија ФМП одигра уште една одлична сезона во која успеа да го освои третото место на табелата по регуларниот дел од првенството, но поради обврската клубовите кои ќе се пласираат во следната фаза од разигрувањето за титула да бидат Акционерско друштво (А.Д.), тимот од Кисела Вода нема да продолжи во Суперлигата, туку во плеј-аутот, потврди КФМ.

Местото на Академија ФМП ќе го превземе Феникс 2010, новлијата кој навремено ја заврши трансформацијата во Акционерско друштво. Соопштението на КФМ ви го пренесуваме во целост:

„По известувањето добиено од страна на КК „Навико Академија ФМП“ од Скопје, за неможноста да се трансформира во Акционерско друштво, и соодветно на тоа да настапува во највисокиот степен на натпреварување – Суперлигата, канцеларијата на сениорски лиги при Македонската кошаркарска федерација ја информира јавноста за следните промени во натпреварувањето во Првата лига-мажи за сезоната 2021/2022:

– Поради неможноста за трансформација во акционерско друштво, како што наложуваат законските обврски, односно Законот за трансформација на клубовите во највисокиот степен на натпреварување во акционерски друштва, и поради моменталната состојба за остварување право на пласман во Суперлигата во сезона 2021/2022, екипата на КК „Навико Академија ФМП“ од Скопје не може да продолжи со настапи во највисокиот ранг на натпреварување од Првата лига-мажи, Суперлигата.

– Местото на КК „Навико Академија ФМП“ од Скопје го презема екипата на КК Феникс 2010 АД – Скопје.

Согласно со тоа, КК „Навико Академија ФМП“ – Скопје го продолжува натпреварувањето во Плеј Аут лигата, а КК „Феникс 2010“ АД- Скопје, како следна според пласманот по одигрувањето на првиот дел од првенството, го презема местото во Супер лигата во натпреварувачката сезона 2021/22.

На предлог на комесарот за натпреварување, упатен до Управниот Одбор на КФСМ, како дополнение на Пропозициите за натпреварување во сениорски лиги дополнет е еден, а има и втор, односно нов член;

Се додава нов член: 7.1.6

„Сите  екипи кои ќе остварат пласман за учество во највисок степен на натпреварување, согласно Законот за спорт член 6-а, 7, 9 и 9-а, мора да бидат регистрирани како акционерски друштва“.

Се додава нов член: 7.1.7

„Доколку екипа која ќе обезбеди пласман во највисокиот степен на натпреварување, а притоа не е регистрирана во акционерско друштво, го губи правото да се натпреварува и останува во систем на натпревари во Плеј аут лигата, а неjзиното место ќе биде надополнето со екипа која е регистрирана во акционерско друштво и е следна по пласман“.

Со менувањето на тимот во првенството се менува и распоредот на натпреварите. Новиот можете да го погледнете ТУКА.

Се вчитува...