КФМ: Арис даде зелено светло, Димитријевиќ ќе игра за Македонија против Австрија

Кошаркарската федерација на Македонија соопшти дека добила официјална потврда од грчкиот клуб Арис дека нема никакви пречки Ненад Димитријевиќ да му се приклучи на националниот тим од 16 август 2026 година.

Од Федерацијата ја поздравија одлуката на клубот од Солун, оценувајќи ја како значаен гест на спортска коректност и почит кон националните селекции.

„Со ваквиот став на клубот, практично се отстранети сите евентуални дилеми околу клупските обврски на Ненад Димитријевиќ. Тоа е охрабрувачка вест за македонската кошарка и за сите љубители на спортот кои посакуваат нашата репрезентација да настапи во својот најсилен состав“, соопштија од КФСМ.

Оттаму посочуваат дека сега вниманието е насочено кон списокот на селекторот и кон одлуката на Димитријевиќ дали ќе го прифати повикот за настап во репрезентацијата.

Во Федерацијата изразуваат надеж дека еден од најдобрите македонски кошаркари повторно ќе го облече дресот со државниот грб, нагласувајќи дека настапот за Македонија претставува чест, гордост и привилегија.

Македонската репрезентација кон крајот на август ја очекува важен гостински натпревар против Австрија, со кој ќе го започне новиот претквалификациски циклус. Од КФСМ истакнуваат дека во вакви моменти единството и присуството на најдобрите македонски кошаркари се од особено значење.

Воедно, Федерацијата порача дека останува посветена на создавање позитивна атмосфера околу националниот тим и верува дека сите репрезентативци, без разлика каде настапуваат, ја чувствуваат истата одговорност и љубов кон македонскиот дрес.

Се вчитува...