Рaководството на КФСМ преку соопштение на официјалната веб-страница на федерација откри детали од денешниот состанок со клубовите, на кој на прволигашите им биле понудени две опции за финиширање на сезоната.
Онаа втората е само привидна, со оглед на фактот дека тогаш сезоната (не по вина на огромно мнозинство на прволигашите) би траела до средината од месец јули, што би значело и сериозно зголемување на трошоците за екипите, кои ги немаат потпишано играчите за летниот период.
Соопштението на КФСМ го пренесуваме во целост:
На состанокот одржан на ден 30.март.2021, (вторник) во просториите на КФСМ помеѓу клубовите од Прва лига-мажи и раководството на КФСМ беа изнесени предлози во врска со завршувањето на натпреварувачката сезона 2020-21, за регуларен дел, плеј оф, плеј аут како и за завршницата во Купот на РСМ.
На собирот на кој присуствуваа сите клубови од Првата лига-мажи, им беа понудени два предлога:
Првиот предлог е, по завршување на регуларниот дел од првенството, односно по одигрување на 22 кола, да не се игра втората фаза од Првата лига-мажи, односно Супер лига и Плеј аут лига, и да се премине на третиот планиран дел, плеј офот.
Доигрувањето би се реализирало со учество на осумте првопласирани екипи од првиот дел од првенството. Плеј аут, со учество на четирите последнопласирани екипи во регуларниот дел од сезоната. По овој предлог испаѓаат две екипи.
Натпреварите од доигрувањето, плеј-офот, односно плеј-аут лигата би се одвивале во т.н.„балони“, а сите трошоци за реализација на турнирите ќе ги покрива федерацијата.
Односно четири одвоени турнири, во кои во период од по седум дена, ќе се реализираат четвртфиналните, полуфиналните и финалната серија на плеј-офот. Како и плеј-аут турнир по кој ќе бидат познати и двете екипи кои би се преселиле во понизок ранг на натпреварување – Втора лига.
„Балоните“ би се играле во периодот од 17. мај, заклучно до 7. јуни, кога би го имале новиот шампион за сезоната 2020/2021. Финалниот турнир од националниот Куп да се одржи во периодот од 14. до 16.мај, односно веднаш по завршувањето на првиот дел од Првата лига-мажи.
Вториот предлог е, лигата да заврши согласно предложениот систем и календар за натпреварување, што значи Супер лига и Плеј аут лига и Плеј оф. По овој предлог од лигата испаѓаат четири екипи. Согласно со предвидениот план за одигрување, првенството ќе биде завршено во средината на јули.
Комесарот за натпреварување го изработи и комплетниот распоред за одигрување на заостанатите натпревари, потоа распоредот за одигрување плеј оф (четвртфинале, полуфинале и финале) и плеј аут натпреварите, како и распоредот за одигрување на натпреварите од националниот Куп кои им се доставени на клубовите кои е дел од Првата лига–мажи во сезоната 2020/2021.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА