Кинезите го купија Милан, крај на ерата на Силвио Берлускони

Милан од денеска и дефинитивно е во рацете на кинески конзорциум предводен од бизнисменот Јонгхонг Ли, кој успешно ги финишираше долгите преговори со Силвио Берлускони за купопродажба на повеќекратниот европски првак. Финализацијата на договорот неколку пати беше одложувана, поради што „росонерите“ не беа премногу активни на фудбалскиот пазар, за денеска и официјално да биде потпишан договорот со кој се става крај на ерата на Силвио Берлускони како прв човек на Милан.

Комплетирана е продажбата на акциите на Милан на „Rossoneri Sport Investment Lux“, групација што сега поседува 99.93% од вкупната сопственост на клубот. Со денешната финализација на договорот дефинитивно се комплетира преземањето на клубот, по разговорите водени меѓу двете страни подолго време, првичниот договор потпишан на 15 август 2016. Севкупната проценка на клубот изнесува 740 милиони евра, вклучувајќи го тука и долгот во висина од 220 милиони евра. Купувачите уште еднаш потенцираа дека главна цел им е финансиски да го засилат Милан и со значителни инвестиции да го приближат клубот кон врвот на италијанскиот и европскиот фудбал“ – се вели во соопштението.

Силвио Берлускони 31 година беше прв човек на Милан, период во кој „росонерите“ доминираа не само на италијанската, туку извесно време и на европската фудбалска сцена. По продажбата на Тијаго Силва и на Златан Ибрахимовиќ во ЛШ следеше сериозен резултатски пад на „росонерите“, овој клуб во последните неколку години воопшто не учествуваше во ЛШ, по што се појавија бројни шпекулации околу купопродажба на гигантот од „Сан Сиро“.

Прв натпревар на новите газди ќе биде градското дерби против Интер, што е на програмата в сабота во 12.30 часот.

Се вчитува...