Ќириќ: Феликс Магат е потенцијалниот инвеститор во Вардар, но не се плаќаат така лесно неколку милиони евра

Легендарниот македонски фудбалер, поранешен член на Вардар, кој настапуваше и во Бундес-лигата, Саша Ќириќ, откри дека фирмата на Феликс Магат, прославениот германски тренер, е потенцијалниот инвеститор во ФК Вардар. Но, работата е далеку од реализирана, постојат повеќе пречки, а времето е се покусо до стартот на шампионатот.

Ќириќ во обраќање на социјалните мрежи ја објасни ситуацијата.

Би споделил неколку детали околу ситуацијата со Вардар за да не отиде се во погрешна насока или да не се шират дезинформации. Со желба на било каков начин да му се помогне на клубот во оваа тешка ситуација, стапив во контакт со германската фирма FLYERALARM GLOBAL SOCCER ција основна цел е инвестирање во фудбалски клубови. Тие веќе се делумни сопственици во FC Flyeralarm Admira Wacker од aвстриската Бундеслига и на Fc Würzburg Kickers новиот член на Втората Бундеслига во Германија. Исто така се главен спонзор на Германската женска Бундеслига. Главен човек и раководител на фирмата е Феликс Магат, познат германски фудбалер и тренер инаку мој поранешен тренер и сега добар пријател.

После првичните разговори и мое објаснување за каков фудбалски бренд се работи, се појави интерес кај нив и побараа подетални информации. По остварената средба со градоначалникот Шилегов и водечките луге од Вардар им ги доставив деталните информации за целата ситуација околу клубот. Тука покрај проблемот со долгот, кој е неколкумилионски и одредени правни проблеми, го имаме и проблемот со Корона ситуацијата која оневозможува нормално патување на луѓе т.е. некој да влезе во нашава земја и да се врати во своја земја, а да не оди во карантин.

Да не се лажеме, никој нема да префрли неколку милиони само со два-три телефонски повика и со мејлови. За тоа да се заврши треба луѓево да дојдат да ја снимат целата ситуација, да седнат со сите инволвирани страни и да го решат проблемот (како и Бугарите кои 3-4 пати веќе доаѓаа). Надеж се уште постои, но тоа зависи само од нив. За жал времето е тој луксуз кој го немаме ама ако ништо барем да пробаме да помогнеме. Да не се каеме после дека не сме ниту пробале.

Паралелно бараме со одговорните од Вардар помали средства за да стартуваат Тетовце и момците со подготовките, а исто така и со одредени момци од Комитите размислуваме за одредени идеи како да се помогне на клубот. Штета е што повеќе луѓе не се активни околу барање на спас за клубот, затоа што би имале повеќе можности за спасот, а не само да останеме на овие две. Најмногу ми е жал што не можам да му ја честитам 73-годишнината на клубот со некоја позитивна вест.

Се вчитува...