Кировски го реши Силекс, Ѓоре Јовановски стартуваше со триумф (ФОТОГАЛЕРИЈА+ВИДЕО)

Работнички го совлада Силекс со 2-0, во првиот натпревар од 26.коло во Првата фудбалска лига. Стрелец на водечкиот гол беше Христијан Кировски во 29.минута, а точка на триумфот стави Чарлс Гофри во судиското продолжение, носејќи му го првиот триумф на новиот тренер Ѓоре Јовановски, кој го презеде тимот пред овој натпревар.

Во натпревар без голем број на шанси, Ангелов прв се закани кон голот на Силекс, но без посериозен ефект, а на спротивната страна многу поопасен беше обидот на Тимов. Но, Работнички дојде во водство во 29.минута, со голот на Кировски. Голманот на гостите Милан Митовиќ направи груба грешка, не ја прифати убаво топката по еден центрашут, а тоа го искористи Кировски и ја затресе мрежата.

Тимовски имаше убав обид до крајот на првиот дел, но Божиновски го спаси својот гол.

Во вториот дел, „романтичарите“ беа задоволни од водството, а Силекс исто така не покажа голем напаѓачки потенцијал. Велинов во 83.минута можеше да стави печат на триумфот, но Митровиќ овојпат успеа да одбрани. Сепак, тоа го стори Чарлс Гофри во судиското продолжение од мечот, кога по еден класичен контранапад го постави конечниот резултат, 2-0.

 

Се вчитува...