KK Пелистер против судиите… Од авион се гледа дека се суди калкулантски, на кого му пречиме?

Кошаркарскиот клуб Пелистер преку соопштение до јавноста реагира на слабата арбитража на последните натпревари на битолскиот прволигаш, кој се уште е лидер на прволигашката табела.

Соопштението на „пелистерци“ го пренесуваме во целост…

„Пресреќни сме што во овие тешки пандемични времиња, со нашата игра, борбеност и пожртвуваност на теренот, успеавме да се наметнеме како успешен тим за чии партии и поени на големо се говори во јавноста, но во исто време сме тажни што нашите заложби за спортско и пред сѐ фер-плеј надигрување се ставени во втор план и тоа од тие чија примарна цел би требало да биде регуларноста на натпреварите. Не можеме, а да не го потенцираме впечатокот од досегашниот дел од Првата лига, особено од натпреварите на КК Пелистер, дека наместо кошаркарите, во главната улога се наоѓаат – судиите. Тоа особено се однесува на нивниот калкулантски однос, како и на искажаните фрустрации и суети на паркетот каде треба да се споредни, а не главни актери. Тие, со својот непрофесионален однос и судење за кое најчесто добиваат коментари во стилот „пушти ги, толку знаат“, придонесуваат македонската клупска кошарка во моментов да изгледа како младинска односно, што е уште полошо, како улична кошарка во која правилата се креираат онака како што му одговара на посилниот.

Со тоа, овие наши делители на (не)правдата, придонесуваат спортистите, во немоќ, да излезат од професионалните рамки и да регираат на нанесената неправда, што дополнително го нарушува општиот впечаток. За ваквото излегување од колосекот, играчите заслужено се казнуваат и од федерацијата и од клубовите, но за судиите нема никаква санкција. А, тие се виновни за сите проблеми, пред сѐ со своето незнаење и тендеција некому да му помогнат и тоа по цена на другиот да му наштетат.

Затоа, КК Пелистер бара правично казнување и на сите делители на (не)правдата за средбите на кои дури и од авион е дека судат калкулантски и за инает на тие што им се забележи ним или на нивните налогодавци. Клубовите, едноставно, во своите буџети немаат предвидено средства за дополнително школување на судиите, кои со тоа што го прикажаа досега речиси на сите наши натпревари, дефинитивно покажаа дека им се неопходни дополнителни часови по „свирење“. Наша цел како клуб е да продолжиме да создаваме успешна приказна за кошаркарска Битола и со сиот наш капацитет, интелектуелен и финансиски, ќе продолжиме да работиме во интерес на макбаскетот и на неговата промоција во државата и надвор од неа.

А, на душегрижниците и на сите кои им пречиме и кои се обидуваат да нѐ „сопнат“ на патот кон прволигашките височини, имаме само една работа на им порачаме: – Силниот Пелистер ќе продолжи да постои, сакале вие или не и нема да престане да ја бара правдината и да инсистира на фер-плеј. И тоа не само за себе, туку и за сите други кои размислуваат кај нас.

Се вчитува...