Кливленд дојде до „десет во низа“, Ирвинг носи нови победи на Бостон

Кливленд ја забележа и десеттата победа во низа, откако актуелниот вицепрвак славеше над Атланта хоукс со 114-121. Леброн Џејмс повторно беше во главна улога, преземајќи ја улогата на чувар на разиграниот Шредер откако домаќините поведоа со 58-67 во финишот од втората четвртина. Покрај тоа што го неутрализираше главното оружје на Атланта, Леброн Џејмс беше вообичаено добар и во нападот, завршувајќи го натпреварот со 24 поени и 12 асистенции. Покрај него, одличен натпревар одигра Кевин Лав, кој исто така оствари дабл дабл, реализирајќи 25 поени и 16 скокови.

Бостон останува тимот со најдобар скор во лигата откако во својот 23. меч „селтикси“ ја забележаа својата 19. победа, триумфирајќи над Филаделфија со 108-97. Кошаркарите на Филаделфија не најдоа начин да го запрат Кајри Ирвинг, кој со 36 поени беше најзаслужен за големата победа. Гостите постигнаа дури 16 тројки, но и тоа беше недоволно за да се земе скалпот на Бостон на овој натпревар.

Јута џез ја продлабочи кризата на ЛА клиперс славејќи на гостински терен со 107-126. Домашниот тим без помошта на Грифин и Теодосиќ немаше сили да го издржи темпото во последната четвртина, кога „џезерите“ направија серија од 21-4, резултатски се одлепија и на крајот стигнаа до убедлива победа.

Најнеизвесно беше во Денвер, каде домаќините славеа над Чикаго со 111-110 со поените на Вил Бартон на 3,2 секунди до крајот. Бартон го заврши мечот со за него рекордни 37 поени во НБА-кариерата, покривајќи го отсуството на Никола Јокиќ, кој поради повреда го напушти теренот во втората четвртина.

Резултати НБА:

Атланта – Кливленд 114-121, Бостон – Филаделфија 108-97, Денвер – Чикаго 111-110, Портланд – Милвоки 91-103, ЛА клиперс – Јута 107-126.

Се вчитува...