Кој би рекол: Реал не е тимот со најмногу пенали во Шпанија

Веќе со недели во Шпанија се води дебата околу судиската помош што ја добива Реал Мадрид во трката за титулата, откако „кралевите“ на неколку натпревари по ред добиваа пенали во своја корист.

Каталонците фрлаа со дрва и камења по арбитрите, но мадридскиот весник „Марка“ денеска излезе со интересна анализа, според која Реал Мадрид не е клубот со најмногу досудени пенали во Ла Лига сезонава. Лидер на оваа табела е Вилјареал, во чија корист се досудени 11 удари од белата точка, од кои фудбалерите на „жолтата подморница“ реализирале десет. Реал Мадрид добил десет пенали сезонава, исто колку и Мајорка и Атлетик Билбао, со таа разлика што „кралевите“ постигнале десет погодоци од овие ситуации, а останатите два клуба по осум.

Барселона се наоѓа на 13. место на оваа табела со само шест досудени пенали, исто колку и Алавес и Хетафе.

Според оваа статистика, „кралевите“ се тимот со убедливо најмалку досудени пенали против нив, само два. За споредба, против Барселона се досудени седум удари од белата точка, а на врвот на оваа листа се Мајорка со 16 и Алавес со 15 пенали против нив.

Се вчитува...