Кој би рекол: Топ 5 лиги – пет изненадувачки лидери

Стартот на новите сезони во најсилните европски лиги донесе низа неочекувани резултати, тимовите кои важат за фаворити за титулите рано се „лизнаа“, но затоа има екипи што фуриозно ја почнаа сезоната и апсолутно заслужено се лидери на табелата. Крајно изненадувачки е, во ниту една од Топ 5 лигите во Европа (Англија, Франција, Германија, Шпанија и Италија) актуелниот шампион не се наоѓа на чело на табелата.

Евертон изненадувачки е лидер по пет одиграни кола во Премиер-лигата со 13 бода, а уште поголемо изненадување е второто место на Астон Вила (12 бода), екипа што лани во последното коло го осигура премиерлигашкиот статус, но сега извонредно ја стартуваше сезоната. Шампионот Ливерпул е третопласиран со 10 бода на своето салдо, пред Лестер, Арсенал и Вулверхемптон со по девет, додека Манчестер Сити има седум бода и меч помалку.

Милан е единствениот тим што во првите четири кола од Серија А има максимални четири победи, по триумфот на „росонерите“ на градското дерби со Интер, па сега избраниците на Пиоли имаат дури пет бода предност од „нероаѕурите“. Интересно, второпласиран е Сасуоло со 10 бода, додека шампионот Јувентус е на петтата позиција со осум бода.

Кога станува збор за Франција, Лил е моментниот лидер во оваа лига со 17 бода (пет победи и две реми) по првите седум кола. Сепак, ПСЖ останува апсолутен фаворит за титулата откако „светците“ по двата порази на стартот врзаа пет победи во низа и заостануваат само два бода зад лидерот.

Најнеизвесно е во Шпанија, каде водечките шест екипи ги дели само еден бод. На делба на првата позиција со по 11 бода се Реал Сосиедад и Вилјареал, пред Реал Мадрид, Хетафе, Кадиз и Гранада со по 10 бода на своето салдо. Мора да се истакне дека „кралевите“ на Зидан имаат меч помалку од останатите при врвот, додека Барселона моментно има седум бода, но и два натпревари помалку од Реал Сосиедад и од Вилјареал.

Лајпциг моментно е првопласиран во Бундес-лигата, каде досега се одиграни четири кола, а тимот на тренерот Нагелсман е единствениот со десет освоени бода. Шампионот Баерн Минхен и вицепрвакот Борусија Дортмунд се на делба на второто место со по девет бода, а Ајнтрахт е на четвртото место со осум освоени бода во досегашниот дел од сезоната.

Се вчитува...