Реакција на Брегалница по дуелот во Куманово: Фудбалските терени не смее да се место за демонстрација на насилство!

Од ФК Брегалница преку официјално соопштение реагираат на случувањата на денешниот натпревар против Башкими во Куманово во последното есенско коло од Втората фудбалска лига на Македонија.

Штипјани се револтирани поради тоа што, како што велат, во текот на натпреварот и нивните фудбалери и судиите постојано биле изложени на континуирани притисоци од страна на неслужбени лица кои постојано биле покрај теренот, и покрај тоа што натпреварот се играл без присуство на гледачи.

СООПШТЕНИЕТО ОД ФК БРЕГАЛНИЦА ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Денешното дерби во Втората лига го одбележа инцидентот (веќе неколку пати домаќинот е во улога на иницијатор) каде за малку посериозно не настрадаа судиите и нашите фудбалери. Иако без гледачи, неслужбени лица од таборот на домаќините беа тие кои го предизвикаа инцидентот, поради кој беше прекинат натпреварот.

Константните притисоци уште од првата минута, заканите кон судиите и гостите ескалираа кога во првото полувреме неколку неслужбени лица од домашниот табор вербално го нападнаа главниот судија Иванов, неговите помошници и дел од гостинските фудбалери. Причина за нападот беше судискиот свиреж при акција на домаќините бидејќи во моментот на теренот имаше две топки. Главниот судија, по правило, ја прекина играта за да се отстрани едната топка. На тоа бурно реагираа неслужбени лица кои влегоа во теренот и почнаа вербално да ги напаѓаат гореспоменатите лица.

Помошниот судија кој беше од страната на клупата на домаќините во текот на целиот натпревар беше изложен на напади и константен притисок, со тоа и не можеше да се фокусира на случувањата на теренот, па направи неколку кардинални грешки кои директно влијаеа на резултатот.

Упатуваме апел до ФФМ, детално да се разгледа ситуацијата и конечно да се спроведе законот и на оние терени на кои досега се прогледуваше низ прсти.

Фудбалските терени не смеат да бидат поле за етнички и политички препукувања, а уште помалку место за демонстрација на насилство!

Со почит,
Управа на ФК Брегалница

Се вчитува...