Кој ќе ги победи: Сити го носи Иско крај Силва и Де Бруин

Манчестер сити сезонава делува моќно во Премиер-лигата, „граѓаните“ газат и во Лигата на шампионите, но јасно е дека Пеп Гвардиола ќе има богат буџет за засилувања за претстојниот преоден рок, за да го направи овој тим уште позастрашувачки за противниците. А на врвот на листата со желби на каталонскиот стратег се наоѓа шпанскиот фудбалски генијалец Иско, со што Гвардиола би составил пеколно трио од велемајстори на фудбалската игра во средниот ред, крај Давид Силва и Кевин де Бруин.

Како што јавуваат британските медиуми, понудата од 86 милиони евра е веќе подготвена и ќе биде испратена до крајот на овој месец, се со цел Сити час поскоро да ја добие трката по овој фудбалер, за кого се интересираат и Арсенал и Манчестер јунајтед.

Иско извонредно ја почна сезоната, но како што одминуваше времето, така и неговата минутажа се повеќе се намалуваше. Јасно е дека Зинедин Зидан не гледа на него како на стандарден првотимец, па шпанскиот плејмејкер е подготвен да ги промени клупските бои уште пред почетокот на мундијалот во Русија.

Со оглед на атрактивниот стил на игра што му е омилен, на Иско дефинитивно нема да му треба многу време за адаптација во Манчестер сити, доколку овој мега-трансфер се реализира.

Се вчитува...