Кој ќе им се врати на победите – „пантерите“ го бранат домашниот терен од Кожув

Прволигашката кошарка продолжува денеска од 17 часот и 30 минути со заостанат дуел од седмото коло, во Кисела Вода каде Академија ФМП го пречекува Кожув. Натпреварот е од големо значење за двата тима со оглед на тоа што скопјани и гевгеличани на денешната средба влегуваат со поразите во претходното коло.

Академија ФМП одигра добро второто полувреме против Еуро Никел, но не успеа да слави во дополнителните пет минути, па „пантерите“ врзаа два пораза во низа откако изгубија и на гостувањето кај Гостивар. Избраниците на Петровиќ по 11 одиграни натпревари имаат скор од шест победи и пет пораза, па победа е импреатив на денешната средба доколку тимот од Кисела Вода сака да одржи учинок со тимовите од горниот дел на табелата.

Во слична ситуација е и Кожув кој по одложувањето на натпреварите на почетокот на сезоната, полека фаќа учинок и во густиот распоред. Во последните пет дуели гевгеличани имаат скор од три победи и два пораза, но на овој меч избраниците на Јончевски влегуваат по убедливиот пораз од МЗТ Скопје на домашен терен.

Во центарот на денешниот дуел ќе биде бековската линија која е предноста на двата тима. Играта во транзиција е адут на „пантерите“, додека шутот за три е најдоброто оружје на Кожув, а двата тима тоа го докажаа и на нивите последни средби. Академија ФМП постигна 32 поени од грешките на Еуро Никел, додека Кожув имаше постигнато седум тројки во првото полувреме против МЗТ Скопје.

Се вчитува...