Комити и Чкембари бараат фудбал со навивачи во Македонија

Навивачките групи во Македонија бараат натпреварите од Првата фудбалска лига да се играат со присуство на гледачи. На поголем дел од стадионите сепак е можно да има лимитиран број на навивачи на трибините. Комити вчера навиваа пред трибините на арената „Тодор Проески“ и истакнаа транспарент „НЕ за фудбал пред празни трибини“. Чкембари објавија соопштение на социјалните мрежи преку кое повикуваат да бидат изработени нови протоколи и присуството на фудбалските натпревари да биде идентично како и присуство на музички концерти и на политички трибини.

„Во месец август на Хераклеја се закажани неколку музички концерти, претходно на Хераклеја исто така беа одржани и политички трибини… истите ќе бидат т.е. беа одржани со соодветни безбедносни протоколи, и со намален капацитет. Прашуваме, зошто не може истиот протокол, истите правила да важат и за натпреваритe на ФК Пелистер „под Тумбе кафе“, и воопшто низ стадионите во Македонија. Нека надлежните обележат каде посетителите можат да седат, да биде задолжително носењето на маска, на влез да се мери температура итн… Оваа здравствена криза може дa трае подолго време, и мора да се пронајде начин да продолжиме да функционираме. Го поздравуваме потегот културните настани да бидат со публика и апелираме истото да се примени и за спортските настани. Фер е и кон спортистите, навивачите, а и самите финансиери на спортските клубови. Пелистерци, со среќа во новата сезона и се надеваме дека за скоро заедно ќе ги славиме успесите што ни претстојат. ФУДБАЛОТ БЕЗ НАВИВАЧИ НЕ Е ФУДБАЛ!!!“, порачаа Чкембари.

Се вчитува...