Конечно, победа на Кожув во Првата лига

Екипата на Кожув конечно ја забележа премиерната победа во оваа прволигашка сезона, триумфирајќи со убедливи 58-76 на гостувањето против Црн Дрим. Тимот од Гевгелија претрпе три порази на стартот, а потоа имаше големи проблеми со коронавирусот во своите редови, поради што два месеци беше без натпревар во прволигашка конкуренција, за на првиот меч по долгата пауза по продолженија несреќно да загуби од лидерот Пелистер.

Сепак, тој неуспех не ја урна атмосферата во тимот на Алек Јончевски, кој денеска одигра на високо ниво и заслужено стигна до триумф. Како пресудна се покажа третата четвртина во која гостите од Гевгелија доминираа во однос на ривалот, добивајќи ја со 10-23 и создавајќи недостижна предност. Кожув рутински ги одигра последните десет минути, успевајќи уште повеќе да ја зголеми предноста до конечните „плус осумнаесет“.

Димитар Караџовски беше најзаслужен за првата победа со 25 поени, Божинов реализираше 14 поени за победничкиот тим, додека Жоао Марсело со 13 поени беше најефикасен во редовите на струшкиот прволигаш.

Се вчитува...