Конечно, победа: Вардар ефикасен против Силекс за прекин на лошата серија

Вардар ја запиша втората победа во новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, откако попладнево на Националната Арена „Тодор Проески“ со убедливи 4:1 го совлада Силекс.

Иако резултатот делува убедливо, натпреварот не беше толку едностран. Силекс во неколку наврати имаше свои можности за погодок, но Вардар беше поефикасен пред противничкиот гол и ги казни грешките на кратовчани.

„Црвено-црните“ поведоа уште во третата минута. Спахиу одлично го проигра својот соиграч, кој ја затресе мрежата на Силекс за рано водство на домашниот тим.

Во 27. минута Вардар можеше да стигне и до втор гол, но Спахиу ја погоди пречката.

По ова следуваше подобар период на Силекс. Шеро се најде во одлична позиција и излезе сам пред Талески, но голманот на Вардар со одлична интервенција го спречи погодокот.

Сепак, кратовскиот тим успеа да стигне до израмнување. Анѓелески доби топка во шеснаесетникот, се сврте и со прецизен удар го совлада Талески за 1:1.

Во второто полувреме Вардар повторно ја презеде иницијативата и набрзо стигна до ново водство. Спахиу повторно беше во улога на асистент, а овојпат неговото додавање го искористи Маневски за 2:1.

Само кратко потоа Вардар зголеми на 3:1. Пиреш тргна во соло продор и успеа да ја затресе мрежата на Силекс. Португалецот не го прослави голот, имајќи предвид дека во Вардар пристигна токму од редовите на кратовскиот клуб.

Силекс имаше можност да се врати во натпреварот и да намали на 3:2, но не ја искористи својата шанса. Казната стигна во самиот финиш.

Во 88. минута Спахиу со одличен лоб удар го совлада голманот на Силекс и ги постави конечните 4:1.

Се вчитува...