Консеисао за Касилјас: Животот е поважен од фудбалот

Бурни беа последните неколку дена во Порто, откако Икер Касилјас имаше срцев удар за време на неделниот тренинг на португалскиот фудбалски гигант. За среќа, разврската немаше трагичен епилог, голманот се рехабилитира во болницата каде што беше опериран, но како што стојат работите тој повеќе нема да може да се врати на фудбалските терени.

„Слушнав дека прогнозите на докторите се позитивни, сите сме среќни поради тоа. Бевме во шок, максимално загрижени кога се случи инфарктот, но за среќа работите завршија како што треба. Дали ќе игра фудбал повторно? Сметам дека тоа е најмалку важно во моментов. Треба да разберете, фудбалот е голем дел од нашиот живот, но токму животот е најважен од се и не смееме да го ризикуваме“ – изјави тренерот на Порто, Серџо Консеисао на денешната прес-конференција.

Порто на три кола до крајот на сезонава заостанува два бода зад водечката Бенфика. Тимот на Консеисао викендов ќе го пречека Авеш, додека Бенфика на домашен терен ќе се сретне со Портимоненсе.

Се вчитува...