Македонската кошаркарска репрезентација попладнево во 16.05 часот ќе гостува на селекцијата на Австрија, во обид триумфално да ги стартува вторите претквалификации за Евробаскет 2029 во кои покрај Австријците наш ривал е уште и селекцијата на Кипар. Првопласираната селекција има пласман во главните квалификации, што го прави денешниот меч исклучително важен бидејќи со триумф денеска практично ќе ги отпишеме Австријците од трката за врвот.
Противникот барем на хартија знае да биде незгоден, но фактот дека пред неколку дена загуби од Кипар јасно говори дека без неколкуте првотимци (меѓу кои и НБА-центарот Јакоб Пелтл) Австрија квалитативно заостанува зад нашиот состав.
Особено откако Македонија се засили со центарот Мозес Рајт, а селекторот Берокал за првпат откако е на чело на националниот тим на располагање ќе го има и најдобриот македонски кошаркар Ненад Димитријевиќ.
Квалитетот дефинитивно е на страната на македонските кошаркари, кои на трибините ќе имаат поддршка и од „фалангата“ која живее во Австрија и во Швајцарија. Целосна формула за успех, што треба да биде потврден на теренот во Виена.
„Го анализиравме натпреварот на Австрија против селекцијата на Кипар, кој го загубија. Искрено, тоа беше изненадувачки пораз, затоа што очекувавме Кипар да биде некој од аутсајдерите во групата. Меѓутоа, покажаа дека се доста добра репрезентација.
Ги видовме предностите, но и недостатоците на Австрија. Имавме два дена тука во Виена, што мислам дека е доволно време добро да се подготвиме за овој натпревар и да стигнеме до првата посакувана победа. Во овој момент Нено и Мозес се огромно засилување за нас и мислам дека ќе бидеме доста добри“, истакна Стојан Ѓуроски, еден од најискусните во македонскиот табор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
