Кошаркарките до 16 години убедливо поразени од Србија на отварањето на ЕП во Б-Дивизија

Македонската женска кошаркарска репрезентација до 16 години со убедлив пораз го започна Европското натпреварување во Б-Дивизија кое се одржува во Подгорица, Црна Гора. Пресилни за Македонките беа Србинките кои доминираа на средбата за победа од 24-113.

Македонската селекција потфрли уште на отварањето на средбата со само осум постигнати поени во првата четвртина, а примени 27. Работите не се подобрија ниту до крајот на првото полувреме до кое беа реализирани само првиот и последниот напад од втората четвртина за негватива од 12-66.

Второто полувреме беше само формалност во кое продолжи добрата игра на српските кошаркарки. Македонија успеаа да постигне двоцифрен број на поени во третата четвртина, но не успеа да го намали водството на противникот. Напротив, Србинките дополнително ја зголемија предноста, а во последните десет минути и ја надминаа границата од сто постигнати поени.

Предводнички на Македонија со по шест постигнати поени беа Ива Дојчинова и Милица Николиќ. По три поени додадоа Џангаровска и Стаменковска, додека во листата на стрелци се запишаа и Стојковска, Ангеловска и Иветиќ. Со 25 поени и 13 скока Лана Мариќ ја предводеше Србија.

Се вчитува...