Кошаркарките ја добија Романија, се чека победа на Црна Гора за пласман во четвртфинале

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија ја совлада Романија со 55-53 во натпревар од последното, 4. коло од групата Ц на Европското првенство до 20 години, Б-дивизија кое се одржува во нашата земја.

Романските девојки подобро го отворија натпреварот и по првата четвртина веќе имаа предност од солидни осум поени (12-20). Вториот период помина во егал игра во која нашите кошаркарки успеаја за еден поен да ја намалат негативата и на полувреме да заминат со минус седум (22-29).

Избраничките на Јелена Антиќ одиграа неверојатен трет период. Тие второто полувреме го стартуваа со серија од 16-0, по која дојдоа до предност од најголеми за нас девет поеи (38-29). Сепак, Романките заиграа подобро до крајот на третата четвртина па пред последните 10 минути нашата предност изнесуваше само три поени (40-37). Во последниот период натпреварот течеше во егал-игра во која подобро се снајдоа нашите кошаркарки за триумф од 55-53.

Илина Селцова со 12 поени беше прво име во нашиот табор, додека кај поразените Андреа Мазлиу заврши со 14 поени. Сега за пласман во четвртфиналето ни е потребно големиот фаворит Црна Гора да слави против репрезентацијата на Хрватска.

Се вчитува...