Кошаркарска каша-попара, на првата прозивка дојдоа и стариот и новиот селектор

Далеку е мак-кошарката од враќање во нормала, откако денеска бевме сведоци на нова неверојатна случка. Младата репрезентација за кошаркари до 18 години ја одржа првата прозивка во пресрет на летните подготовки за ЕП, но на неа се појавија двајца селектори, Мики Наумовски и Тони Симиќ.

Раководството на КФСМ минатата седмица го закажа првиот собир и го објави списокот на играчи, притоа не наведувајќи го името на селекторот. Наумовски ја водеше оваа селекција во претходната година, но со промената на кошаркарската власт беше најавена и смена на кормиларите во младите селекции и именување на Симиќ за предводник на М18. Сепак, такво нешто официјално се нема случено, па Наумовски како актуелен селектор се појавил на тренингот.

Тони Симиќ ги одвел репрезентативците во една од просториите во салата „Градски Парк“, па сега Наумовски бурно реагира на непрофесионалниот однос на новото раководство на федерацијата.

„На ден 3 јуни 2019 јас Мики Наумовски, селектор на У18, заедно со мојот стручен штаб уредно се појавивме на закажаниот тренинг во салата „Градски парк“ во 10 часот наутро. Во исто време се појави и Тони Симиќ и ги собра репрезентативците во некоја од клупските канцеларии. Се уште не ми е јасно по која основа во салата се појави Симиќ и со кое право ги собра репрезентативците, кога се уште нема одлука за мое разрешување и негово именување од страна на УО на КФСМ. Би сакал да потенцирам дека до денешниот ден никој ме нема контактирано или на било кој друг начин известено за моето евентуално разрешување, па врз основа на мојот валиден договор јас и мојот стручен штаб се појавивме на закажаниот тренинг. Ваквото неодговорно однесување на органите во федерацијата кои се задолжени за функционирањето на младинските репрезентации, не оди во прилог на никого, особено на репрезентативците и кошарката во Македонија. Непријатно сум изненаден и револтиран од некоректниот и нечесен однос на федерацијата кон мене како се уште актуелен селектор. Би сакал да прашам кој во федерацијата менува, става и разрешува селектори… претседателот, генералниот секретар и спортскиот директор“ – изјави Наумовски за ЕКИПА.

Се вчитува...