Кошмар во најава: Кеси и Кристенсен само што дојдоа, веднаш ќе си заминат од Барса

Барселона се соочува со огромен срам да ги загуби двете потпишани засилувања без да одиграат ниту еден меч за каталонскиот гигант, откако беше обелоденето дека Франк Кеси и Андреас Кристенсен имаат клаузули за раскин на договорите доколку не бидат регистрирани за настап од првото коло во Ла Лига.

Барса инвестираше во бројни засилувања во текот на летово, но стриктните правила на Ла Лига оневозможуваат сите нови играчи да бидат регистрирани и да му бидат на располагање на тренерот Чави за средбите од шпанското првенство. Каталонците веќе в сабота го почнуваат настапот во новата сезона и се поизвесно е дека нема да успеат да ги регистрираат сите играчи за дуелот со Рајо Валјекано. Приоритет за претседателот Лапорта е регистрацијата на Левандовски, Рафиња, Кунде, како и на Дембеле, кој стана слободен играч, па потпиша нов договор и сега одново ќе мора да биде пријавен за настап според правилата на Ла Лига.

Кеси и Кристенсен се последни на листата на нови фудбалери што Барса се подготвува да ги пријави, но проблем претставуваат клаузулите што екс-играчите на Милан и Челси ги ставиле во своите договори, да можат веднаш да ги раскинат и да си заминат доколку се случи ваква ситуација, Барселона да не може да ги регистрира како што тоа беше случај лани со новиот договор на Лео Меси.

Практично, ако до сабота тие не се најдат на официјалниот список на каталонците, Кеси и Кристенсен од недела ќе бидат во можност да си заминат од „Камп Ноу“ како слободни играчи. Неизвесно е дали тие ќе покажат трпение за да му дадат дополнително време на Лапорта да ги среди проблемите, или ќе ја искористат можноста веднаш да си заминат од „Камп Ноу“ и да се преселат во нов клуб.

Се вчитува...