Костадинов: Овие натпревари се вистински тест за нас, мислам дека ќе се покажеме во добро светло

Фудбалската репрезентација на Македонија в сабота против Швајцарија на Националната арена „Тодор Проески“,  го започнува новот издание во Лигата на нации, овојпат во дивизијата Б. По премиерата на домашен терен, избраниците на Гоце Седлоски ги очекуваат уште три дуели во краток период, гостувањето кај Словенија на 29 септември, домашниот натпревар против Шкотска на 3 октомври и вториот дуел со Швајцарија, на 6 октомври во Луцерн.

Токму густиот распоред ќе биде еден од најголемите предизвици за македонските фудбалери. Тихомир Костадинов смета дека максималната подготвеност на секој тренинг и поширокиот ростер ќе бидат особено важни во периодот во кој репрезентацијата ќе одигра четири натпревари за само единаесет дена.

„Мислам дека треба да бидеме максимално подготвени на секој тренинг. Времето за подготовка е кратко, а не очекуваат четири натпревари за единаесет дена. Но, мислам дека сме доволно голема група играчи кои можат сите да настапуваат и да го дадат својот максимум, за да бидеме успешни на сите натпревари и да се покажеме во добро светло.“

За Костадинов, претстојниот циклус ќе биде вистински показател за моменталниот квалитет и можностите на македонската репрезентација во конкуренција на силни европски селекции.

„Мислам дека ова за нас ќе биде вистински тест да видиме до каде сме во моментов, да покажеме дека можеме да се носиме и со тие репрезентации. Секако дека можам да кажам дека сите останати репрезентации се фаворити, но тоа не значи ништо. На теренот ќе се покаже се. Мора да го дадеме максимумот на секој натпревар и мислам дека ќе се покажеме во добро светло.“

Македонскиот репрезентативец посочува дека за успех ќе биде потребен максимален ангажман на целиот тим, без разлика дали станува збор за дефанзивните или офанзивните задачи. Според него, играта во двата правци мора да биде заедничка одговорност на сите фудбалери.

„И во офанзивата и во дефанзивата сите треба да работиме како едно. Може да се даде гол и од прекин, може и дефанзивец да го даде голот. Лично мое мислење е дека од нападот почнува одбраната, но и од одбраната почнува нападот. Сите единаесет, освен Столе, можат да го загрозат голот.“

Токму создавањето шанси и реализацијата ќе бидат важен дел од планот на Македонија во четирите натпревари.

„Секако дека ќе работиме на тој план, да создадеме што повеќе шанси и да постигнуваме голови. Мислам дека овие четири натпревари ќе бидат вистински тест за тоа.“

Се вчитува...