Кожув фаќа ритам – лесен триумф над МЗТ2

По проблемите предизвикани од коронавирусот на стартот на сезоната, Кожув полека фаќа залет во густиот распроед, а избраниците на Алекснадар Јончевски стигнаа до третата победа во последните пет меча откако славеа над МЗТ2 со 100-79. „Црвено-белите“ одиграа одличен натпревар каде што доминираа во рекетот, а беа успешни и во обидите зад линијата 6,75, па не дозволија „штркчињата“ да се надеваат на двата бода.

Аеодромци одлично го отворија натпреварот, одиграа добро во одбраната, а преку доминатната игра во рекетот каде постигнаа 20 поени во првите десет минути стигнаа до предност од 19-24. Гевгеличани брзо ги консолидираа своите редови, го затворија рекетот, а возвратија со добра игра под обрачот на „штрковите“ па веќе до полувремето целосно ја превземаа иницијативата (52-41). Кожув продолжи да го контролира скокот и на почетокот на второто полувреме, во редовите на „црвено-белите“ проработе шутот од далечина на Предраг Пајиќ, па домаќините дополнително ја зголемија предноста (74-60). Добрата игра на домаќините продолжи до крајот на средбата, па избраниците на Јончевски стигнаа до третата победа во сезоната.

Предводници на Кожув со по 18 поени и 5 асистенции, односно 18 поени, 5 скока и 5 асистенции беа Марко Симоновски и Предраг Пајиќ, додека нив ги следеше Никола Силаџи со 16 поени и 6 скока. Прво име кај „штркчињата“ беше Андреј Андоновски кој постигна 19 поени и 3 скока, Лука Савичевиќ додаде 13 поени, додека како двоцифрен со 10 поени натпреварот го заврши и Лејсон Зекири.

 

Се вчитува...