Кожув фаќа залет – совладан и Вардар за втор триумф во низа

По проблемите предизвикани од коронавирусот во првиот дел од сезоната, Кожув полека фаќа учинок во новата година. По триумфот над Црн Дрим, сега избраниците на Јончевски славеа и против Вардар со 86-82 во заостанатиот натпревар од четвртото коло, за кој беа потребни дополнителни пет минути.

Кожув ја превзема иницијативата од самиот почеток кој го отвори со серија од 8-0, но преку Дујковиќ и Ташковски, Вардар бргу ја врати резултатската незвеност. Шутот не ги служеше „црвено-црните“ во првите десет минути, а тоа го искористија домаќините кои преку Караџовски и шутот за три поени повторно ја вратија „комотната“ предност (28-21). Вардар се мачеше да го најде ритамот во нападот, а продолжи и добрата одбрана на Кожув. Гевгеличани го контролираа скокот и не дозволија лесни поени од транзиција па поведоа со 42-28, меѓутоа од овој момент Вардар заигра подобро, до полувремето преку Провел и Диксон ги користеше грешките на Кожув, направи серија од 8-1 и ја намали високата предност на домаќините на 43-36.

Падот на играта во домашниот тим од финишот на првото полувреме продолжи и на почетокот на второто, а добрата игра на скопскиот состав под противничкиот кош го врати Вардар на негатива од еден напад. Избраниците на Јованчев го искористија моментумот, добрата игра во одбрана носеше лесни поени на спротивната страна па гостите беа оние кои поведоа со 54-58 по 30. минути игра. Кожув успеа да го врати шутерскиот ритам на почетокот на последната четвртина па со серија од 8-1 набргу го превзема водството и ја врати неизвеноста. Двата тима се мачеа со реализацијата, а играта „кош за кош“ во која двата тима постојано го менува водството траеше се до крајот на регуларниот дел во кој не можеше да биде одлучен победникот. Во дополнителните пет минути Кожув ја зацврсти одбраната и не дозволи лесни поени на противникот па стигна до посакуваната победа.

Никола Силаџи беше првото име кај Кожув со 22 поени и 4 скока, додека Марко Симоновски додаде 16 поени и 7 скока. Трипл-дабл учинок од 15 поени, 11 асистенции и 10 скока забележа Димитар Караџовски. Американското дуо Провел-Диксон повторно го предводеше Вардар, овој пат со 28 поени и 6 скока, односно 20 поени и 8 скока.

Се вчитува...