Кожув налета на „ѕидот“ наречен Блокотехна

Блокотехна уште еднаш ја потврди надмоќта во однос на градскиот ривал Кожув, откако по победата во домашното првенство тимот на Марјан Илиевски вечерва славеше и на првото гевгелиско дерби во БИБЛ-лигата, и тоа со убедливи 57-77. Кошаркарите на Блокотехна најчесто натпреварите ги добиваат со беспрекорна игра во нападот, но овојпат пресуди нивната гранитна одбрана со која целосно го неутрализираа домашниот состав, дозволувајќи му да постигне само 57 поени.

Неизвесна беше само првата четвртина во која екипата на Алек Јончевски му парираше на градскиот ривал, па Блоко ги доби првите десет минути со минимални 15-16. Остатокот од натпреварот мина во доминација на Блокотехна, кои во втората четвртина стигнаа до „плус девет“ (27-36). Наместо камбек на Кожув, третиот период донесе уште подобра игра на гостинскиот состав, кој експресно поведе и со двоцифрена предност. Домашниот тим за момент ја спушти разликата под десет поени, но во вистински момент тројка погоди Главчев, враќајќи ја смиреноста во играта во таборот на Блокотехна. Капитенот Главчев погоди уште една тројка на самиот старт од последната четвртина, за водство од 38-55, по што Блоко набрзо потоа стигна и до 20 поени разлика (40-60).

Кожув се приближи на 57-70 на три и пол минути до крајот, но по тајмаутот на Илиевски неговите избраници се вратија на посакуваната игра во одбраната, на крајот заслужено добивајќи го овој натпревар со 57-77.

Мијатовиќ беше прв стрелец на натпреварот со 27 поени, Главчев додаде 15, а Гаидис 14 за победничкиот тим, додека кај Кожув најефикасни во денешниот пораз беа Луис со 15 и Ивеља со 12 поени.

Се вчитува...