Крај на сагата: Младата „ѕвезда“ на Борусија се согласи на нов договор

Јусуфа Мукоко, 18-годишниот фудбалер на Германија и еден од најдобрите млади играчи во Бундеслигата, сепак, ќе остане во Борусија Дортмунд. Долго време траеше сагата на напаѓачот за продолжување на договорот, откако бараше премногу пари за да остане на „Вестфален“.

На крајот е најден заеднички јазик, и Мукоко ќе заработува околу 3,5 милиони евра по сезона. Некои информации говорат дека го продолжил договорот до јуни 2026, некои до јуни 2027 година. Инаку неговиот менаџер бараше 6 милиони евра по сезона за неговиот клиент да остане, но тоа беше невозможно да му биде понудено од страна на Борусија.

Се очекува денеска Борусија Дортмунд и официјално да обелодени дека Мукоко останува во нивниот тим. За него беа заинтересирани Барселона, Ливерпул, а се споменуваше и Баерн Минхен како комбинација. Мукоко дебитираше за Борусија на 16 години, и тој е најмладиот дебитант за „милионерите“ во историјата.

Во есенскиот дел играше во првите 11, поради тешката болест на Себастијан Але. Се очекува двајцата да го сочинуваат нападот на Борусија низ пролетниот дел, во кој тимот од Дортмунд ќе се бори за пласман на првите четири места и излез во ЛШ следната сезона.

Пред неколку дена се појави сомнеж во јавноста за годините на Мукоко. „Дејли Мејл“ објави документ каде што играчот со камерунско потекло има 22 години, а не 18 како што е официјално заведено.

Се вчитува...