Македонскиот фудбалски прволигаш Шкендија не успеа да ја мине третата пречка летово во квалификациите на Конференциската лига на УЕФА, откако вечерва на домашен терен одигра без голови 0-0 против шкотски Хибернијан и со тоа не успеа да ја анулира негативата од 2-1 од првиот натпревар.
Шкендија првата шанса ја имаше уште во 4. минута, но од некои единаесеттина метри покрај голот на Шкотите биеше, Алмир Криезиу. Во продолжението не се случи ништо поконкретно, па по 15 минути игра на семафорот се уште стоеја почетните 0-0.
Во 25. минута Криезиу кој беше најдобар фудбалер на домашните повторно се закани, но неговиот шут повторно заврши покрај голот на Салинџер. Првпат по голот на Шкендија гостите се заканија во 37. минута, кога по десната Елдинг имаше шанса да ги проигра своите соиграчи, но тетовци ја расчистија ситуацијата.
На стартот на второто полувреме Шкендија повторно се закани со шут во далечина, но и Тамба биеше покрај голот на гостинскиот тим. Тетовци најубавата шанса во натпреварот ја имаа во 67. минута кога Ндезенге остана сам, но и тој не успеа да ја погоди рамката на голот на противникот. Тамба имаше нова шанса во 78. минута, но топката едноставно не сакаше да влезе во голот на таличниот Салинџер.
До крајот Хибернијан успеа да се одбрани и ова реми да го прослави како голема победа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
