Краткиот тајминг за дозвола од ФИФА пречка за деби во септември: Ердал Ракип на располагање на Македонија од октомври

Македонската репрезентација во иднина ќе може да смета и на еден од најдобрите фудбалери од редовите на шведскиот шампион Малме, Ердал Ракип за кого веќе и дефинитивно е активна процедурата од страна на ФФМ за добивање македонски спортски пасош.

Само поради краткиот тајминг не се успеа да се добие дозвола од Шведската фудбалска федерација, а потоа и од ФИФА, за 25-годишниот Ракип да биде на располагање на селекторот Благоја Милевски и за септемврискиот квалификациски циклус. Но, Ракип искажувајќи задоволство од повикот за настап во македонскиот национален тим, како што информираат од ФФМ, веќе дал согласност за приклучувања на А-репрезентацијата на Македонија.

Менаџерот на А-репрезентацијата на Македонија, Зоран Зафиров за ЕКИПА потенцира дека, по добиената согласност од Ракип, комплетирана е неопходната документација и започната е процедурата за фудбалерот од средниот ред да добие право за настап за Македонија. И селекторот Благоја Милевски ја потврдува информацијата дека во иднина Ердал Ракип ќе настапува за Македонија, во очекување целокупната процедура да се заврши за октомврискиот квалификациски собир.

„Почната е процедурата за добивање спортски пасош за Ердал Ракип, кој иако претходно има настапи за младата селекција на Шведска, сега искажа согласност во иднина да настапува за Македонија. Репрезентацијата сигурно би добила на квалитет со еден таков профил на играч во средниот ред кој има само 25 години“ – вели за ЕКИПА селекторот Благоја Милевски.

Ракип, кој игра како последен играч за врска, е стандарден во првиот тим на Малме, кој ќе игра и во групите од Лигата на шампионите оваа сезона. Во досегашниот тек од новото првенство на Шведска има 14 натпревари како стартер и постигнато два погодоци.

„Среќен сум што добивам повик за настап во македонската репрезентација. Би сакал во иднина да се ставам на располагање на националниот тим“ – порача претходно Ракип од Шведска.

Македонската репрезентација од денеска се собира во Скопје за престојните три квалификациски натпревари за пласман на СП 2022. Првиот дуел е на 2. септември против Ерменија во Скопје, потоа следи гостувањето на Исланд во Рејкјавик на 5. септември и на крај на 8. септември е натпреварот со Романија во Скопје.

Се вчитува...