Пукната е „тиквата“ во Барселона, Лионел Меси вчера јавно проговори за очајните игри на каталонскиот гигант по паузата, а во такви ситуации правило е цената да ја плати тренерот. Факт е дека Кике Сетиен воопшто не ја оправда довербата, а претседателот Бартомеу го навлече врз себе гневот за ангажман на стратег што е далеку под нивото на Барса, со што ги налути и навивачите, но и фудбалерите на својот тим.
Најдоцна до утре ќе дојде до „кризен состанок“ меѓу претседателот и тренерот, а повеќе од јасно е дека летово ќе дојде до смена на кормилото на „Камп Ноу“, единствената дилема е дали тоа ќе се случи во наредните десет дена, со што би била извршена „шок-терапија“ во тимот во пресрет на завршницата од Лигата на Шампионите.
Како и да е, Бартомеу треба што поскоро да одлучи, но и конечно да направи вистински избор за тренерската позиција. Негов „прв пик“ беше Роналд Куман, но ситуацијата се искомпликува со одлагањето на ЕВРО 2020, со што Холанѓанецот останува недостапен уште една година. Покетино е уште една добра опција, но екс-тренерот на Еспањол во неколку наврати има повторено дека нема намера да седне на клупата на Барса. Бартомеу размислувал и за Гарсија Пимиента, кој моментно е тренер на Б-тимот, но на претседателот му е јасно дека нов промашен тренер може да значи и „црвен картон“ за него, поради што сака да ангажира посериозно име за предводник на тимот.
Во една таква ситуација, најголеми шанси им се дава на тројца тренери, а на врвот на листата со желби се наоѓа Чави Хернандез. Поранешниот капитен беше блиску до камбек уште во јануари, но во последен момент се премисли и остана во Ал Сад. Тој неодамна потпиша нов договор со катарскиот клуб, но во него има клаузула што му овозможува да замине во Барселона. Чави не е во добри односи со претседателот Бартомеу, па останува да се види дали директорот Ерик Абидал (поранешен соиграч на плејмејкерот) ќе успее да ја смири тензијата или Чави ќе почека да дојде нов претседател на клубот за да се врати на „Камп Ноу“.
Доколку не биде постигнат договор со Чави, втора опција е ангажман на Масимилијано Алегри. Италијанскиот стратег си зеде една година одмор во која земаше плата од Јувентус, договорот му истече на крајот од минатиот месец и сега е подготвен за нов тренерски ангажман. Откако една година работеше со Кристијано Роналдо, трофејниот Италијанец сега би имал можност за соработка и со Лионел Меси.
Ерик Тен Хаг е третиот кандидат за тренер на Барселона, холандскиот стратег минатото лето одби неколку премиерлигашки клубови, но јасно е дека понуда од Барса се добива еднаш во кариерата, предизвик што овој квалитетен стручњак тешко дека ќе може да го одбие.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА