Кубанецот Хесус Сојет ангажиран како нов селектор на македонската боксерска репрезентација

Кадетската репрезентација на Македонија во бокс освои три медали на турнирот во Врбас, за првпат по подолго време е постигнат успех кој носи верба дека боксот се движи во вистинска насока. Претседателот на федерацијата, Примислав Димовски потенцира дека ваков резултат не сме имале одамна, а со ангажирањето на селекторот од Куба ќе дојдат и подобри резултати.
„Задоволни сме од резултатот во Врбас, за првпат по подолго време освоивме три медали на еден важен турнир. Се надеваме дека ќе продолжиме да остваруваме уште подобри резултати. На моја иницијатива ангажиравме селектор од Куба, Хесус Сојет, станува збор за тренер кој работел во Куба, Холандија и Јапонија. Има големо искуство како боксер и тренер, финалист е на светско првенство и очекуваме да ни помогне во унапредување на боксот кој сакаме да го вратиме на старите патеки и да го подобриме тренерскиот кадар“ – истакна Димовски.
Тренерите  Васко Цубалевски и Насер Харуни потенцираа дека освоените медали се поттик за уште повеќе работа и посветеност да се  дојде до нови успеси.
„Целата наша репрезентација даде се од себе, и тренерите и боксерите, победивме против силни противници од Казахстан и Русија, задоволни сме од успехот “ – изјави Васко Цубалевски.
„Тројцата боксери дадоа  се од себе, Алхан, Ијхан и Ардијан, победија силни противници и задоволни сме од постигнатиот успех“ – изјави Насер Харуни.
Ардијан Аземи освои златен медал во категоријата +80 килограми, победи на две борби, задоволен од прикажаното.
„Боксував против шампионот на БИХ и успеав да го победам, во финалето го победив Вишал Гупта од Индија за златото, многу задоволен од резултатот“ – изјави Аземи.
Илхан и Ајхан Озмен тренираат во Германија, настапуваат за Македонија, за нив ова се први медали од турнирите.
„Благодарен сум на Македонија што ми даде шанса да настапам за репрезентацијата, донесов сребро од овој турнир и се надевам дека во иднина  ќе дојдам и до златен медал“ – изјави Ајхан Озмен.
„Ќе се потрудам да  бидам подобар,  добив шанса да се покажам и мислам дека докажав дека имам квалитет, сега освои бронза, следниот пат се надевам на уште подобар резултат“ – рече на прес конференцијата Илхан Озмен.
Боксерската федерација на Македонија, во моментов во Струга, под раководство на селекторот од Куба, Хесус Сојет, одржува камп во три возрасни категории, вкупно 30  пионери, кадети и јуниори ќе работат со селекторот на физички и технички план до 30. август.

Се вчитува...