Куман за црвениот картон: Не разбирам, не реков ништо лошо за да бидам исклучен

Тренерот на Барселона, Роналд Куман, вели дека неговиот тим покажал лоша дефанзивна игра и тоа е причината за поразот од Гранада, а тој побара и објаснување зошто бил исклучен во средината на второто полувреме.

Барса загуби на свој терен по пресвртот со 2-1 и со тоа ја пропушти шансата да се искачи на првото место на табелата на пет кола пред крајот на Ла Лига.

„Доминиравме, но не постигнавме уште еден гол што ќе ни донесеше мирен крај. Потоа, направивме грешки во одбраната и примивме два гола. Бевме многу лоши во дефанзива, што нè чинеше. Резултатот е разочарувачки, бидејќи знаевме дека сè зависи од нас. Мора да извлечеме лекции, следниот натпревар против Валенсија ќе биде клучен во сезоната“, јасен е Куман.

Холанѓанецот нема да ја предводи екипата на тој натпревар, бидејќи доби црвен картон против Гранада поради приговор кон судиите.

“Не направив ништо. Тие велат дека покажав непочитување кон четвртиот судија, но тоа не е точно. Јас не го навредив на кој било начин. Коментиравме некои настани од играта со сосема нормален тон. Сакам да знам со кои зборови го навредував. Јас не реков лоши работи“, потенцираше Куман.

Каталонците во недела гостуваат во Валенсија. Во тој натпревар влегуваат од третата позиција со 71 поен, исто колку и второпласираниот Реал. Лидерот Атлетико има 73 поени.

Се вчитува...