Куманово им се врати на победите – совладан Вардар на „Кале“

Куманово им се врати на победите откако во последниот натпревар за 11. коло славеше на гостувањето против Вардар со 86-95. По неизвесниот меч во првото полувреме, гостите го искористија падот во играта на тимот од „Кале“ во третата четвртина и стигнаа до четвртиот триумф на домашната сцена.

Центарската битка во главна улога на Дујковиќ и Андрејевиќ започна од првата минута на мечот, а „џинот“ во „црвено-црно“ ги одбележа првите десет минути. Куманово се мачеше да го заобиколи Дујковиќ под обрачот, а брзите бекови на Вардар умешно ги користеа „контрите“ на спротивната страна, но во иста мера возврати и Куманово, кој го користеше отсуството на поранешниот македонски репрезентативец под обрачот па по десет минути игра на семафорот стоеше минимална предност за Вардар (23-22). Високиот интензитет продолжи до крајот на полувреме, двата тима започнаа да погодуваат и од далечина, а во играта „кош за кош“ профитираа избраниците на Јованчев кои на полувремето заминаа со предност од 49-46.

Двата тима се мачеа да го најдат напаѓачкиот ритам на стартот на второто полувреме, а први учинок фатија гостите. Куманово добро трчаше во транзиција, ги користеше пропустите во одбрана на „црвено-црните“ па поведе до 63-71 на крајот на третата четвртина. Добрата одбрана над Диксон и Провел го поремети ритамот на Вардар во нападот, а Куманово продолжи да ја контролира играта па веќе на отварањето на последната четвртина избаниците на Мирковски стигнаа до двоцифрена предност (66-78), која беше недостижна за Вардар и покрај обидите на домаќините за враќање во натпреварот, кои во два наврата дојдоа до негатива од два напада.

Џуниус Провел беше првото име кај Вардар со 35 поени и 4 скока, додека Дикембе Диксон додаде 31 поен и 9 скока. Предводник на гостинскиот состав со 20 поени и 5 асистенции беше Отис Ливингстон, 16 поени и 5 скока додаде Дамјан Робев, додека како двоцифрени со 15 поени и 7 асистенции, и 14 поени и 4 скока натпреварот го завршија и Кори Рејли-Рос и Ненад Зивчевиќ.

Се вчитува...