Кумановска каша-попара на пат до Тиват: Тргни, застани, па врати се…

Куманово денеска тргна на пат за Тиват, за гостувањето против Теодо во рамките од БИБЛ-лигата, но автобускиот превоз се претвори во вистинско патешествие за македонскиот претставник во ова регионално натпреварување.

Првичната рута за пат преку Косово донела голем проблем – на косовската граница не биле пуштени да минат српските кошаркари на Куманово, бидејќи оваа земја не ги признава српските пасоши. Циркусот продолжил непосредно потоа, кога автобусот требал да се врати во Македонија, но на самата граница било утврдено дека на еден од американските кошаркари во Куманово му бил истечен престојот во државата.

Управата на „сино-белите“ успеала некако да најде решение за тој проблем, автобусот стигнал до Скопје, кога нови бурлески – возачот заборавил дел од документите на граница, па кумановци повторно се упатиле кон граничниот премин.

Патувањето веќе трае четири часа, а „сино-белите“ не се ниту блиску до заминување од државава. Според последните информации, планот сега е да се патува во Црна Гора преку Албанија, но како што тргнала работата… којзнае што е следно на листата смешни случки на ова патешествие.

Се вчитува...