Куп-битки во Битола: МЗТ го брани трофејот, Пелистер домаќин, Работнички во победнички ритам…

Се е подготвено за почетокот на турнирот од Купот на Македонија во кошарка што од денеска до сабота ќе се одржува во салата „Боро Чурлевски“ во Битола. Вообичаено, трите нокаут фази ќе се играат во пеколно темпо од три дена, а четвртокот е резервиран за четвртфиналните пресметки што ќе почнат во 12 часот, со дуелот меѓу бранителот на трофејот МЗТ Скопје и екипата на Гостивар.

„Металците“ се големи фаворити за триумф, но на сите им е јасно дека во куп-натпреварувањата лесно се случуваат сензации, поради што мора да се внимава и да се игра максимално.

„Се надевам на убава атмосфера, фер-плеј и наша победа на крајот. Гостивар два пати го победивме оваа сезона, но тоа ништо не значи иако влегуваме како фаворити во ова натпреварување“, изјави Марко Миловановиќ, младиот кошаркар на МЗТ.

Втор меч на денешната програма е оној меѓу Еуро Никел и Чаир, два тима кои важат за исклучително пријатни изненадувања сезонава во Првата лига. Кавадарчани претрпеа два пораза во последните денови од МЗТ и од Работнички, па останува да се види дали ќе успеат да ги надминат тие разочарувања против составот на Чаир, кого веќе еднаш го совладаа сезонава во прволигашката конкуренција.

„Со задоволство се враќам во Битола, му честитам на организаторот и не се сомневам дека се ќе помине во најдобар ред. Го почитуваме Еуро Никел. Тоа е состав со исклучително квалитетни играчи, но ние веруваме во своите можности и во Битола не одиме со бело знаменце. Ќе бидеме тука да се претставиме во најдобро издание и да ја бараме својата шанса за пласман во полуфиналето“, истакна Недим Мустафица, поранешниот кошаркар на Пелистер кој сезонава ги брани боите на Чаир.

Голема битка се очекува на дуелот меѓу Работнички и ТФТ од 17.30 часот, трета куп-пресметка меѓу скопските ривали (досегашниот скор е 1-1).„Центарци“ играат извонредно во последно време и врза долга серија на победи, но ТФТ важи за традиционално незгоден ривал во Купот на Македонија, откако тимот на Боро Смилковски пред две години се закити и со пехарот во ова натпреварување.

„Ја поздравувам идејата што Купот ќе се игра во Битола, каде имам многу добри спомени, а тренерот на Пелистер има многу лоши, затоа што пред многу години се сретнавме во Купот и мојот тим излезе како победник. Од Работнични станаа малку здодевни, но тоа е судбина, нон стоп сме заедно. Имаме подготвено тактика против нив уште од последниот АБА ‘балон’ и мислам дека имаме големи шанси да поминеме во следната фаза“, истакна капитенот на ТФТ, Един Нури.

Четвртфиналната програма ќе заврши со дуелот во 19.30 часот во кој домаќнот Пелистер ќе се сретне со Феникс, скопскиот состав кој лани стигна до финалето во куп-завршницата.

„Овде сите с(м)е многу скромни со изјавите. Јас нема да бидам таков, очекувам многу повеќе и сигурен сум дека Пелистер ќе го игра натпреварот в сабота“, изјави Александар Костоски, еден од најдобрите кошаркари на Пелистер сезонава.

Се вчитува...