Квалификации за СП: Грците ја шокираа Холандија, Романија ја доби драмата со Чешка

Грција приреди големо изненадување откако во првиот меч од баражот за СП 2025 успеа да слави над фаворитот Холандија со резултат 31-27. Грците во јануари дебитираа на европските шампионати, што дефинитивно им ја зголеми самодовербата, па сега со одличниот триумф над „лалињата“ направија чекор напред кон настап на еден ракометен мундијал по пауза од 20 години.

Холанѓаните имаа контрола се до 9-12 пред крајот на првиот дел, но Грција со четири гола во серија замина на одмор со еден гол предност. Нашиот јужен сосед потоа целосно го контролираше резултатот во второто полувреме, во неколку ситуации имаше и пет гола предност, за на крајот да слави со конечни „плус четири“. Тоскас со седум и Цирас со шест гола беа најефикасни во грчкиот состав, додека прв стрелец на „лалињата беше Тен Велде со десет погодоци.

Романија и Чешка одиграа драматичен натпревар што домашната селекција го доби со минимални 31-30, најавувајќи суперинтересен реванш. Романците имаат за што да жалат ако се знае дека имаа и водство од седум гола во вториот дел, но Чесите успеаја да ја истопат негативата и ќе бркаат само еден гол негатива на вториот меч пред своите гледачи. Григорас со девет гола беше главна фигура во победничкиот состав, додека кај Чешка најефикасен беше Томас Пироч со девет гола од исто толку обиди.

Се вчитува...