Лапорта има порака за Меси: Ќе те чекаат 105.000 фанови на „Камп Ноу“

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, откри дека каталонскиот тим не се откажал од идејата на Лионел Меси да му приреди спектакуларен проштален натпревар на „Камп Ноу“.

Говорејќи на годишното собрание на Барселона, Лапорта им откри на делегатите дека веќе разговарал со Меси за организирање на посебна церемонија за неговото пензионирање, која би се одржала откако целосно ќе биде реновиран „Камп Ноу“.

Планот на Лапорта е Меси пред 105.000 фанови на „Камп Ноу“, колку што ќе биде капацитетот по реновирањето, да се прости од навивачите на Барселона.

„Му рековме на Меси дека би сакале да организираме свечена церемонија за него пред 105.000 навивачи, откако стадионот ќе биде комплетно реновиран. Нормално ќе го организираме сето тоа доколку Меси сака. Луѓето го чекаат, а тој сам ќе донесе одлука“, изјави Лапорта пред делегатите.

Претседателот на Барселона зборуваше и за можност Лионел Меси повторно да заигра за каталонскиот тим.

„Постоеше можност да одигра една сезона за Барселона, но тоа не се случи бидејќи тој донесе друга одлука“.

Меси си замина од Барселона во 2021 бидејќи клубот поради големите финансиски проблеми во кои се наоѓаше тоа време, не можеше да му понуди нов договор и потоа да го регистрира истиот во Ла Лига. Меси потоа потпиша за ПСЖ, а по две сезони во Париз, се пресели во Интер Мајами.

Се вчитува...