Лацио без Имобиле убедлив против Парма

Лацио ја декласираше Парма со 4-1 во рамките на 28. коло во италијанската Серија А. Избраниците на Симоне Инзаги стигнаа до сигурна победа и без услугите на својот најдобар фудбалер Чиро Имобиле. „Лацијалите“ поведоа со голот на Марушиќ во 22. минута. Шест минути подоцна по еден центаршут на Сенад Лулиќ, одбранбениот играч на гостите Симоне Јакопорни играше со рака, по што беше досуден пенал за домаќините, кој сигурно го изведе Луис Алберто.

Истиот фудбалер во 38. минута донесе предност од 3-0, а Лулиќ во 45. минута со прекрасен удар, уште во првото полувреме ги разреши сите дилеми околу победникот. Во второто полувреме, гостите успеаја само да го ублажат поразот, со голот на Матија Спрокати во 77. минута.

„Фенерџијата“ Киево изненадувачки ремизираше 1-1 на гостувањето против Аталанта. Гостите дури и први поведоа преку Меџорини, Аталанта израмни на стартот од второто полувреме преку Иличиќ, но домаќините не успеаја да направат целосен пресврт и загубија два значајни бода во борбата за излез во фудбалска Европа.

Резултати Италија 28. коло: Сасуоло – Сампдорија 3-5, СПАЛ – Рома 2-1, Торино – Болоња 2-3, Џенова – Јувентус 2-0, Лацио – Парма 4-1, Емполи – Фросиноне 2-1, Аталанта – Киево 1-1.

Се вчитува...