Лацио нема намера да се откаже од трката за скудетото во Калчо-лигата, откако римскиот клуб втор натпревар по ред успеа да стигне до победа иако на полувреме се наоѓаше во негатива од 1-0. По пресвртот на домашен терен против Фиорентина, „лацијалите“ денеска го повторија истото и на гостувањето против Торино, славејќи со 1-2 и намалувајќи ја негативата зад Јувентус на еден бод, во пресрет на гостувањето на „старата дама“ во Џенова.
Чиро Имобиле беше во главна улога, бидејќи по неговото играње со рака во шеснаесетникот беше досуден пенал за Торино што Белоти го претвори во водечки погодок за домаќините. Имобиле потоа блесна и на спротивната страна, постигнувајќи го голот за израмнување на самиот почеток од второто полувреме. Пресвртот беше комплетиран со многу среќа, ударот на Пароло од дваесетина метри закачи еден домашен дефанзивец, го измами голманот Сиригу и заврши во мрежата.
Тренерот Инзаги ќе се соочи со огромни проблеми во пресрет на следното коло и дербито против Милан, со оглед на фактот дека и Имобиле и Каиседо поради жолти картони заработија автоматска суспензија и нема да можат да настапат против „росонерите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА