„Лавовите“ против Работнички ја продолжуваат битката за Европа, Струга ТЛ по триумф во Велес

Денеска се играат три натпревари од Првата македонска фудбалска лига, поради настапите на Македонија ЃП, Пелистер и Струга ТЛ на 20. април (среда) во полуфиналето од Купот на Македонија.

„Лавовите“ во Ѓорче Петров го пречекуваат Работнички во желбата за победа како би се продолжила битката за европски излез со Шкендија и со Академија Пандев.

Македонија ЃП ќе ги штеди силите и за полуфиналето од Купот на Македонија, но јасно е дека желбата за победа над Работнички е повеќе од присутна.

Мотив за триумф има и кај Струга ТЛ кои гостуваат на Борец во Велес.

„Гостувањето против Борец е како и секој друг натпревар за нас, без разлика што противникот е на дното од табелата. Го цениме противникот, но ние сме Струга Трим Љум и на секој натпревар одиме на победа, без разлика против која екипа. Се надеваме дека ќе го извлечеме најдобриот резултат од овој натпревар, мислам на победа“ – вели Миклован Пере.

Шкупи, пак, е голем фаворит против Пелистер во Битола. Чаирчани се со 13 бода предност во однос на конкурентите Шкендија и Академија Пандев кои, пак, доколку загубат на утрешните свои натпревари тогаш Шкупи, на пет кола до крајот на првенството, уште сега ќе го слави трофејот, во случај на денешни три бода на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, но и доколку Македонија ЃП не слави во пресметката со Работнички.

ПРВА ЛИГА – 28. КОЛО (денеска, 16 ч.)

Битола: ПЕЛИСТЕР – ШКУПИ

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – РАБОТНИЧКИ

Велес: БОРЕЦ – СТРУГА ТЛ

УТРЕ (16 ч.)

Штип: БРЕГАЛНИЦА – ШКЕНДИЈА

Скопје: СКОПЈЕ – ТИКВЕШ

Тетово: РЕНОВА – АК. ПАНДЕВ

Се вчитува...