Контиуниетот на настапи на Македонија на големите натпреварувања ќе продолжи и на СП 2027 откако нашите ракометари без поголеми проблеми ја минаа бараж-пречката наречена Словачка.
Максимален фокус и ангажман во текот на сите 60 минути беше наш заштитен знак и на вечерашниот реванш, противникот не беше потценет и покрај убедливата победа во Прешов пред неколку дена, па избраниците на Лазаров одиграа перфектни 60 минути пред преполните трибини на СЦ „Борис Трајковски“ (38-23) и заслужено на крајот со верните навивачи го прославија новиот мундијалски билет.
По мечот селекторот Кирил Лазаров ги сподели првите импресии…
„Треба да бидеме задоволни без разлика кое ниво го има Словачка, затоа што покажаа дека против Украина дека имаат квалитет. Не е лесно да се победи Украина. Сакам да им честитам на момците, со 15 гола разлика не се победува туку-така. Имавме сериозен пристап, секој ривал кој е во баражот има квалитет, а ние покажавме еден константен ракомет, тоа го барав од играчите. Имавме малку падови, игравме квалитетно, успеавме да им дадеме шанса и на некои играчи што помалку имаат минутажа на поквалитетни натпревари, за да ги добиеме веќе за следните потешки мечеви така што презадоволен сум од пристапот на сите играчи во двата меча.
Во претходните година и пол успеавме да составиме квалитетен тим на играчи кои се борат еден за друг, се дисциплинирани и не им е важно кој ќе биде најдобар, туку најважно е да победуваме. Тоа се мачевме да го создадеме и мора да го задржиме. Мислам дека играчите растат со нашата лига, во нивните клубови, со квалитетни натпревари добиваат на искуство. Откако јас сум селектор шесто големо натпреварување сме во низа, со 99% променета генерација од претходно. Тој процес треба да се истрпи, а ние успеавме во тој период со стручниот штаб, со РФМ, со медиумите, да опстанеме на големата сцена и да создадеме производ кој ќе ја прави горда Македонија во следната деценија. Јас сум горд на тоа, сите го препознаваат тоа и се надевам дека сениорите од година во година, чекор по чекор, ќе бидат поквалитетни. Не смееме да поставуваме преголеми цели, тоа би било притисок за сите играчи, но дека нема да се предадеме против никого, тоа можам да ветам дека ќе го гледате“, изјави Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
