Леброн Џејмс, кој наскоро ќе наполни 42 години и влегува веројатно во последната сезона од својата кариера, ја држи целата НБА во неизвесност.
Во време кога не се знае каде легендарниот кошаркар ќе продолжи да игра, никој во лигата не прави никакви клучни потези. Поминаа повеќе од две недели откако објави дека ги напушта ЛА Лејкерс и станува слободен агент, но името на новиот клуб сè уште е непознато.
Неизвесноста ги погодува не само навивачите и клубовите, туку и раководството на лигата. Комесарот Адам Силвер не сака да ризикува да го состави распоредот за следната сезона без информации за новата дестинација на Џејмс. Лигата традиционално ги планира најатрактивните дуели меѓу кандидатите за титулата и најголемите ѕвезди за самиот почеток на натпреварувањето и за 25 декември, па Силвер полека го губи трпението.
Силвер: Ни треба неговата одлука
„Неговиот избор на клуб директно ќе влијае на распоредот. Можете да замислите дека клубовите и телевизиските куќи нè повикуваат, сите сакаат да го дефинираат календарот. Тоа влијае на целата организација, од тоа како ги одредуваме натпреварите во првата недела од сезоната до оние на Божиќ. Би сакал тој да ја објави одлуката што е можно поскоро за да можеме да го финализираме распоредот. Ни треба неговата одлука“, рече Силвер.
Самиот Џејмс се појави на неколку јавни настани во последните денови, но не откри ништо за својата иднина.
„Нема да ве терам да чекате повеќе“, рече кратко.
Според информациите на водечките американски новинари, одлуката со која се запреа активностите во НБА лигата би можела да биде позната на почетокот на следната недела.
Можни дестинации
Најверојатните опции се враќање во Кливленд Кавалирс, клубот каде што ја започна својата НБА кариера и ја освои титулата во 2016 година. Мајами Хит е исто така во игра, каде што ги освои своите први два прстени во 2012 и 2013 година и каде што би можел да формира тандем со Јанис Антетокумпо. Меѓу можните дестинации се Филаделфија 76ерс, Голден Стејт Вориорс и Минесота Тимбервулвс.
„Ќе биде забавно“, наговести легендарниот кошаркар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
