Сагата за продолжување на соработката меѓу Ливерпул и Мо Салах продолжува понатаму. Египјанецот за потпишување на нов договор бара и големи примања, а „црвените“ не се расположени да ги исполнат неговите барања.
Свој поглед на оваа тема даде и легендата на клубот, Џејми Карагер кој вели дека раководството на клубот мора да направи се што е во негова можност голгетерот да добие нов договор, а доколку не се случи истото навивачите никогаш нема да им простат.
„Салах и Мане премногу му недостасуваат на клубот и мислам дека преговорите за нов договор ќе добијат и поголеми размери бидејќи кога тие не се тука се одразува на резултатот“, вели Карагер кој се наврати на натпреварот со Арсенал во Лига Купот каде „црвените“ имаа играч повеќе во поголемиот дел од натпреварот, но не успеаја да постигнат гол во мрежата на „топчиите“.
„Како навивач на Ливерпул фрустрира дека преговорите се пролонгираат. Други значајни играчи на Ливерпул како Алисон, Трент и Ван Дајк потпишаа нови договори во последните три, четири месеци. Салах само бара да биде платен за неговиот учинок и зошто да не биде? Го заслужи тоа, сепак говориме за еден од најдобрите играчи во светот денеска. Мислам дека аголот од кој гледа Ливерпул во моментот е каде тој би заминал? Најверојатно нема да го загрози неговиот епитет со премин во Јунајтед или Сити, но шпанските гиганти Барселона и Реал Мадрид немаат финансиски проблеми“, продолжува Карагер кој упати и критика до раководството.
„Би сакал новиот договор да биде потпишан што поскоро и тоа го сака секој навивач на Ливерпул. Во овој случај не станува збор за давање на играчот се што посакува, но на раководството нема да му простиме доколку му дозволи на Салах да замине. Тој е легенда на Ливерпул, еден од најдобрите играчи кои ги имал клубот и мора да биде решено во најбрз можен рок“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА