Легендите на Ц. Звезда, Шестиќ, Караси, Аќимовиќ, Ѓуровски, Дојчиновски… на јубилејот „100 години ФК Охрид“ (ФОТО)

Легендите на белградска Црвена Звезда, предводени од нашите Бошко Ѓуровски и Кирил Дојчиновски, од вчера се во Охрид, каде викендов ќе бидат дел од прославата на 100-годишниот јубилеј на фудбалот и фудбалскиот клуб Охрид.

Во делегацијата на „звездините легенди“ се Милош Шестиќ, Станислав Караси, Јован Аќимовиќ и „домаќините“ Бошко Ѓуровски и Кирил Дојчиновски, а почесниот претседател Драган Џајиќ во последен момент го откажа доаѓањето во Охрид.

„Прв пат како ветерани на Црвена Звезда доаѓаме во Охрид, но поголем дел од делегацијата веќе го има посетено градот, за кој само убави работи се зборуваат. Се надевам дека нашата посета ќе го израдува населението и ќе донесе малку ведрина во овие моменти на пандемијата од коронавирусот која го има главниот збор. Тука сме секогаш за нашите фанови, кои се наш ветар во грб. Се надеваме дека со оваа наша посета и следните каде ќе бидеме повикани ќе им се оддолжиме на навивачите за поддршката која ни даваа и се уште ја даваат на Црвена Звезда“  – вели Аќимовиќ.

Тој додаде дека ветераните се неопходни за еден клуб кој се стреми да функционира на високо ниво.

„Ние во Црвена Звезда даваме се од себе да оди клубот напред и секогаш сме тука за совет или критика, ако е потребна. Дел од делегацијата е во структурите на клубот, што значи дека легендите се неизбежен дел од функционирање на еден клуб“ истакна Аќимовиќ.

Кога ќе се направи паралела на фудбалот во седумсеттите и осумдесеттите во минатиот век и сега, според Караси недостаува малку љубов.

„Сега се е сведено на брзи пари и трансфер веднаш во поголем клуб. Ниту еден фудбалер во било која земја од поранешна Југославија не се гледа десеттици години во еден клуб, туку стреми да направи трансфер во некоја лига од западна Европа и да  профитира. За враќање на фудбалот на нивото како што беше порано, треба прво да се зајакне домашниот шампионат, без разлика дали зборуваме за Србија, Македонија, Хрватска… Националните првенства се база за се. Ако имаш квалитетна лига, младинските школи ќе треба да вадат квалитетни играчи, а за квалитетни играчи ќе треба да работат квалитетни тренери. Што значи дека првенствата го имаат главниот збор. Треба да се направи добра стратегија, да се видат резултатите од последните пет години и да се донесе решение за следните 10-15 години“ – изјави Караси.

Формирање на регионална лига би било голем плус за развој на фудбалот. Конкуренцијата ќе се зајакне, а ќе се врати ривалството, кое е неопходно за напредок во спортот.

„Не сум сигурен колку е изводливо, но дека е потребно убеден сум. Во ракомет и кошарка постои регионална лига и функционира, но во фудбалот има повеќе масовност, поголем број на навивачи и не сум убеден дека се може да се организиран во најдобар ред. Сепак, треба да се проба, да се најде некое решение, бидејќи регионална лига би била полн погодок“ нагласува Караси.

Легендите на Црвена Звезда вчера беа примени и од градоначалникот на Охрид, во рамките на посетата на нашиот најголем туристички центар.

www.ohridnews.com.mk

Се вчитува...